Pomor pcela u Makedoniji - Debar
Непозната болест ги сотре дебарските пчеларнициОд 2.500 пчелни семејства, колку што имаат стотината пчелари од општините Дебар и Центар Жупа, половина пцовисаа, а поморот продолжува
Примероци од неколку дебарски пчеларници се земени за анализа во Институтот за пчеларство во Скопје, за да се утврди причината за масовниот помор на пчели.
- Која е причината за масовното пцовисување ќе знаеме по извршените анализи. Сега се' што ќе се каже е само претпоставка - изјави ветеринарниот инспектор Адриатик Ќормемети.
Од околу 2.500 пчелни семејства, со колку што располагаат стотината пчелари од општините Дебар и Центар Жупа, половина од нив повеќе ги нема. Тие секојдневно се с` помалобројни. На оваа појава алармираа членовите на дебарските пчеларски друштва „Матица“ и „Апи култура“. Кај некои пчелари поморот на пчелите е речиси целосен, кај некои 50, кај други 30 отсто. Само кај мал број се' уште нема ваква појава.
- Есенва пчелните семејства беа многу добри. Гинењето на пчелите како појава го забележавме зимоска, при првото прихранување, а многу помасовно сега во јануари, при второто прихранување. Најверојатно станува збор за некоја нова болест. Затоа бараме од институциите да ни помогнат, за да се спасат барем оние пчеларници во кои се' уште нема помор - вели Ирфан Уштеленца од Дебар, кому речиси целосно му пцовисаа пчелните семејства.
Најголема штета има пчеларот Реџеп Џека, кој имал 100, а сега има само пет пчелни семејства.
- Се соочуваме со некоја чудна појава. При првото одење да им ставиме прихранување видовме дека дел од пчелите ги нема. При второто исто. Се плашам дека нема да преживеат ни преостанатите пет - разочаран е Џека.
Помор на пчелите има и во најголемото дебарско село Могорче.
- Се случува нешто чудно. Болест ли е некоја или поради загадување на животната средина, не знам. Иако приходот беше помал годинава, сепак пчелите беа добри, здрави. Сега ги нема во сандакот. Останале само неколку мртви пчели, а медот е тука, прихраната исто така - вели Дилавер Демоски, кој има изгубено 90 отсто од пчелните семејства.
Од 130 семејства, 30 отсто пцовисаа и во пчеларникот на Блаже Петревски, познат дебарски пчелар со 40-годишно искуство.
- Се соочуваме со алармантна појава, која за мене досега беше непозната. Се занимавам со пчеларење четири децении, но не можам да го најдам изворот на болеста. Дали е тоа „ноземоза церана“, недоволно испитана болест во нашиот регион или можеби е последица од сушниот летен период и недоволното прихранување во јули и август, не можам да кажам. Тие две причини, според мене, се главните за големиот помор на пчели, а надлежните треба да го дадат одговорот - вели Петревски.
Дебарскиот регион, просечно, годишно произведува по 30 тони мед.
_____________________
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=A5D6179EAC800F41AC55E7B0D34360D3